Iveco на IAA саемот во Хановер го претстави концептот на Z камионот, кој е визија на возило без емисија (Zero emission), без несреќа (Zero accidents) и без стрес за возачот (Zero stress).

Камионот се напојува со течен природен гас (LNG), кој се добива со рафинирање на био-гас, што значи дека нема емисија на CO2. Капацитет на резервоарот е 1.200 литри, кој обезбедува голем досег од 2.200 километри, што е еквивалентно на конвенционалните камиони.

Силата на моторот е со 460 КС и вртежен момент од 2.000 Nm, а силата ја пренесува преку 16 -брзински автоматски менувач. Z камионот има и систем кој со помош на Rankin процесот дополнително ја искористува топлинска енергија на издувните гасови.

Дополнителното искористување на енергијата од издувните гасови е само еден дел на штедење, додека најзначајниот дел доаѓа од специјално обликуваниот влекач, чиј отпор на воздухот е со 30 проценти помал од стандардната влечна единица.